Англискиот пациент – Мајкл Ондачи #Рецензија

Posted by
Англискиот пациент Book Cover Англискиот пациент
Мајкл Ондачи
историска фикција
Три

„Англискиот пациент“ е приказна каде се испреплетени судбините на четворица луѓе, четворица странци кои крајот на Втората светска војна ги затекнува во една стара италијанска вила. Тука е англискиот пациент, човек со изгорено тело и непрепознатливо лице кој едвај ја преживува авионската несреќа. За него се грижи Хана, медицинската сестра од Канада, која одбива да го остави да умира сам. Во вилата се затекнува и Караваџо, пријател на таткото на Хана, професионален крадец кој се сомнева во идентитетот на англискиот пациент. Разноликоста ја дополнува техничарот за демонтирање на бомби, Кип, по потекло Сик, кој војната ја доживува сосема поинаку поради темната боја на кожата.

Темпото на приказната е бавно, дејствието се движи полека. Мајкл Ондачи има навистина уникатен стил на пишување. Живописните раскажувања можам слободно да ги поистоветам со поезија. Авторот на еден бавен и сликовит начин раскажува приказна која начнува многу теми. Не е само војната тема на приказната и она што таа им го прави на луѓето. Тука се испреплетени љубовта, пријателството, семејството, осаменоста, пожртвуваноста, предавството, расизмот, дволичноста на белиот човек. На речиси секоја страница има по некоја моќна мисла во која има многу вистина. Четворица луѓе зад себе имаат четири приказни кои чекаат да бидат раскажани.

„Англискиот пациент“ ја има добиено наградата Букер во 1992 година, и Златен Букер во 2018 година. Снимен е и филм кој во 1996 година се закити со девет оскари.

Инаку, „Англискиот пациент“ е втор дел. Првиот дел е насловен „Во лавовска кожа“. Иако може да се читаат одделно, сепак препорачувам прво да се прочита првиот дел. Многу работи стануваат појасни. Особено приказните за Хана и Караваџо.

Ова е приказна која нема да му допадне секому. Стилот на пишување е навистина специфичен. Мене ми се допадна, многу повеќе отколку во првиот дел. За крај, ќе издвојам еден цитат кој мене особено ми се допадна:

Умираме заедно со богатството од љубовници и племиња, вкусовите што сме ги пробале, телата во кои сме нурнале и сме пливале како да се реки на мудрост, ликовите во чии круни сме се вгнездиле како да се дрвја, стравовите во кои сме се криеле како да се пештери. Посакувам сето ова да ми е забележано на телото кога ќе умрам. Верувам во таква картографија – да бидеш обележан од природата, а не само да се означиме на некоја мапа како имињата на богаташите и богаташките на зградите. Ние сме општа историја, општи книги. Ние не сме ничии, ниту сме моногамни по наш вкус или искуство. Сè што сакав беше да чекорам по земја што нема мапи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *