Вечно туѓа – Стефан Хертманс #Рецензија

Posted by
Вечно туѓа Book Cover Вечно туѓа
Стефан Хертманс
Историска фикција
Антолог

Ова е приказна за едно време на војни, приказна за една жена која реши да го следи сопственото срце. Во екот на крстоносните војни, во Руан, Нормандија, младата благородничка Вигдис се вљубува во Давид, кој е Евреин. И оттука започнува нејзината голгота. Нејзиниот татко ја затвора во манастир, за таа да избега и тајно се венча со Давид. Станува прозелитка, преобратеничка, нееврејка која станува Еврејка и го добива името Хамутал. Но среќата кратко им трае. Дури ни таткото на Давид, главниот рабин од Нарбона, не може да им гарантира безбедност, па тие заминуваат на пат, што подалеку од долгите канџи на нејзиниот строг христијански татко кој носи во себе гени на моќните Викинзи. Нивната љубовна приказна се случува во екот на крстоносните војни, кога Евреите се жестоко измачувани, прогонувани и убивани во името на Господ Бог. Хамутал го живее и рајот и пеколот. Од богата благородничка, таа станува сиромашна просјачка која се бори за сопствениот гол живот, затоа што е Еврејка, затоа што е жена, затоа што е мајка, затоа што живее во време кога нема право на сопствен избор. Дури ни таа самата на моменти не знае која е, на кој Бог да му се моли, на кој јазик да зборува. Единственото нешто во кое е сигурна е љубовта кон Давид и љубовта кон сопствените деца. Само тоа ја одржува во живот.

Не можев, а да не се соживеам со приказната на Хамутал. Не можев да не го споредам времето во кое живеела со денешнината и да сфатам колку сме среќни денес. Луѓето гладувале, поминувале низ сито и решето дури и по цена на сопствениот живот за малку храна, не леб, храна, било каква, макар бобинки и печурки, колку да не умрат од глад, а јас сè што треба да направам е да го отворам фрижидерот или да тркнам до супермаркетот и сè ми е на дофат.

Авторот има навистина уникатен стил на пишување. Го поминува целиот пат по кој некогаш чекорела Хамутал. Ги посетува местата на кои живеела. Ме наведе да размислувам за минатото и да истражувам за Средниот век. Настапува од аспект на новинар и раскажувач, а внесува толку многу емоции во самата приказна. Неговите сликовити описи можам слободно да ги споредам со поезија. Неговото раскажување е такво што во еден момент те внесува во приказната, ти го кине срцето и ти предизвикува солзи во очите, за да во следниот миг те повлече назад во сегашноста каде си безбеден и сигурен. Е тоа се вика уметност во пишувањето!

За сите оние кои ги интересира Средниот век, кои сакаат добра историска драма, ова е една убава, и необично раскажана приказна која дефинитивно вреди да се прочита!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *