Кога никој не гледа – Алиса Кол #Рецензија

Posted by
Кога никој не гледа Book Cover Кога никој не гледа
Алиса Кол
трилер
Три

Луѓето ги закопуваат деловите од историјата што не им се допаѓаат, ги поплочуваат – како африканските гробишта под облакодерите на Менхетен. Меѓутоа, ништо во овој град не останува закопано.“

Имаш топол дом за кој напорно си работел или некој од твоите вложил сè што имал за да има покрив над глава. И некој, од нигде никаде го бендисува твојот дом и решава да се всели во него. И тебе те снемува. Исчезнуваш, засекогаш.

Сидни Грин е млада црна жена која целиот свој живот го поминува во Бруклин. После пропаднатиот брак и справувањето со болеста на мајка ѝ, таа ја одржува нејзината стара куќа и градината. Ги познава сите соседи, повеќето црнци. Но, постепено, населбата се менува. Се градат нови згради, луксузни станови, се доселуваат богати белци. А поранешните сопственици, сиромашни црнци, едноставно заминуваат и веќе не се јавуваат.

Разочарана од организираните туристички тури кои ги спомнуваат само белците кои живееле во населбата, Сидни организира сопствена туристичка тура. Истражувајќи заедно со новиот сосед Тео, кој е белец, доаѓаат до чудни стари легенди. За луѓето кои исчезнуваат во мракот. За приказните за пациентите во болницата. За експериментите. За грабливците, за луѓето кртови. Навидум, интересни приказни кои ја смрзнуваат крвта, но привлекуваат туристи.

И постојано се појавуваат нови соседи. Белци. А старите соседи, црнци, кои целиот живот го поминале тука, заминуваат и никогаш не се враќаат. Не се јавуваат. И никој не ги видел кога заминале.

Кога исчезнува стариот г-н Перкинс, без да се поздрави и погрижи за своето куче, Сидни и Тео сфаќаат дека нешто чудно се случува. И започнуваат истрага која ќе прерасне во најлошиот кошмар.

Ова е приказна од која ќе ви се крене косата на главата. Не е хорор, туку напнат трилер кој нема да ве остави на мира додека не стасате до последната страница. И ќе се запрашате, можно ли е вакво нешто? До каде оди човечката себичност и злоба?

Топла препорака за одличен трилер.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *