
young adult
Антолог
2020
paperback
267
bought

Започна новата учебна година.
Некои дечиња со радост тргнуваат на училиште, некои со страв. Некои посакуваат да бидат невидливи. Некои се невидливи.
„Невидлив“ е приказна за тројца невидливи луѓе.
Едно дете, кое е жртва на врсничко насилство, посакува да може да биде невидливо и никој да не го задева. Тој е невидлив за околината, никој ништо не забележува, секој си мисли „ех, деца се, ќе им помине“. А детето страда...
Друго дете е невидливо за сопствените родители. Тие, пак, немањето време го надоместуваат со материјални нешта. А на малиот му треба само љубов и разбирање. Нажалост, гневот го истура на послабите од себе. Зошто тој да биде жртвата кога може некој друг?
И учителката некогаш била дете. И посакувала да биде невидлива. Никој не ја заштитил. И го создала огромниот зелен змеј кој ги покрил лузните на нејзиното тело. И сега токму тој змеј и дава сила да преземе нешто, зашто таа е единствената која забележува дека приказната се повторува...
Булингот или врсничкото насилство зазема се поголеми размери. Со децата треба да се разговара. Нив не им требаат најнова марка телефони, најскапи патики, потребна им е љубов, потребно им е некој да ги ислуша, да чуе што имаат да кажат, да знаат дека некој се грижи. Не треба да се чувствуваат невидливи, ниту да сакаат да бидат невидливи.
Ова е книга и за деца и за возрасни. Одлично четиво за секој ученик, но и родител. Нешто што лично сметам дека треба да биде задолжителна лектира во училиштата.
Топла препорака за читање, за посреќно детство и подобра иднина на нашите деца.