Малиот бог на земјотресот – Петар Денчев

Posted by
Малиот бог на земјотресот Book Cover Малиот бог на земјотресот
Петар Денчев
Фикција
Антолог

Колку ни се потребни земјотресите во животот?

Не зборувам за оние вистинските земјотреси, кои се дело на мајката природа. Туку за оние земјотреси кои нè изместуваат од колосек, кои ни ги прават деновите различни, кои прават од нас поинакви луѓе.

Или можеби малиот бог на земјотресот е цело време присутен, ни седи на рамо и ни вели: „немој ова , немој тоа“. Нè држи во страв од предизвиците, од промените, од поинаквиот живот.

Ова е приказна за еден човек кој сака да живее во својата школка. Кој се плаши од минатото кое му нанесува болка, кој живее монотон живот со својата сопруга со која е колку да биде во пар, кој не планира ништо  да менува во својата иднина. Тој на животот му приоѓа на доста филозовски начин.  Одржува врска која е ради реда, ѝ тера ќефови на сопругата и отстрана гледано , се работи за совршена врска, а нему всушност му е сèедно. И кога се случуваат земјотресите, тој причината и последиците ги бара на сосема погрешно место.

А тука е и неговата сопруга, жена која се бори со депресија уште од детството. Лекот го бара на многу конвенционални и неконвенционални начини. Тука се среќаваме со балканскиот фолклор, балканскиот менталитет. И нештатата кои во комунизмот беа потпикнувани под чергиче.

Во обидот на ликовите да се пронајдат себеси, нивната животна приказна нè води во Русе , Софија па и Скопје. Градови кои преживеале многу, и сепак успеале да опстанат.

Можеби, земјотресите, вакви или онакви, ни помагаат да ги видиме нештата од поинаков агол и да бидеме подобри луѓе.

„Малиот бог на земјотресот“ е приказна за себеоткривањето, за личната борба со себеси, за излегувањето од шаблонот наметнат од нашите предци. Приказна за стравот, за промените кои ни се случуваат, но и за промените кои треба сами да ги направиме. А нештата зависат само од нас, и никој друг.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *