Криво рало – Итамар Виеира Јуниор #Рецензија

Posted by
Криво рало Book Cover Криво рало
Итамар Виеира Јуниор
историска фикција
Антолог

Тропскиве горештини кои владеат деновиве ми асоцираат на Јужна Америка. На места со прашуми, јагуари, тукани, домородци. И тука ја сместувам приказната за Криво Рало, човек почитуван од сите, но човек кој е роб, иако тоа не е на хартија. Ова е приказна за неговото семејство, двете ќерки Бибијана и Белонисија, за хациендата Црна Вода. Еден инцидент во детството на двете сестри ќе го обележи целиот нивен живот, едната го губи гласот, а нејзиниот глас е гласот на сите поробени луѓе, гласот на сиромашните, на оние кои само на хартија имаат некакви права. Нивниот народ нема право на сопствена земја, но има право да ја обработува. Има право да изгради куќа, но таа мора да биде од кал и ќе се распадне за неколку години. Мора да плаќа данок на белите луѓе, а не смее да отвара училишта за своите деца. Нивната приказна ме потсетува на нашата македонска историја, на пусто турско, кога робовладетелското општество е завршено, ама поробувачите ти наметнуваат такви закони и правила, да си третиран полошо од роб. И сфаќаш дека ние луѓето, без оглед каде сме на планетава земја, сме исти. Делиме иста судбина.

И да се навратам на двете сестри, на ножот, на јагуарот. На јужноамериканскиот фолклор, на симболиката, на африканските корени, на ацтечките легенди. Да се навратам на семејството, на сестринската љубов, но и љубомора. И сето тоа е исплетено во една приказна, во еден таков вртлог каде не знаеш во кој момент започнува легендата, каде завршува реалноста, а каде продолжува магијата. Интересен стил на пишување, приказна која ме потсетува на книгите на Изабел Аљенде. И не е само книгата со симболи. Самата корица изобилува со симболи, секој еден детал значи нешто.

Интересна и невообичаена приказна која вреди да се прочита.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *