Момчињата од гробиштата-Томас Ејден #Рецензија

Posted by
Момчињата од гробиштата Book Cover Момчињата од гробиштата
Томас Ејден
#young adult, #paranormal, #queer
Матица

Јадриел е вештер и повикува духови.

Но што кога ќе повика погрешен дух?

Во Лос Анџелес има Латино заедница, и дел од неа се вештери. Можат да видат и да повикуваат духови. Да бидат со своите починати сакани на Денот на мртвите. Вистински да бидат со нив.

Но во таа заедница исчезнуваат момчиња. Латино заедницата нема добри односи со полицијата, па официјална потрага нема. Кога исчезнува братучедот на Јадриел, Мигуел, целото семејство, целото големо Латино семејство се вклучува во потрагата. Бидејќи не го наоѓаат меѓу живите, единствена шанса им е да го најдат меѓу мртвите.

И еве му шанса на Јадриел да се докаже дека е вистински вештер. Тој веќе има проблеми со татка си заради своите родови и сексуални убедувања, па затоа со својата единствена пријателка Марица која исто така е аутсајдер како него, зашто е веган, а не може да изведува магии без животинска крв, решаваат да го повикаат духот на Мигуел. Но, наместо него, се појавува духот на Хулијан, локалниот бандит од училиштето, за кој дури и никој не знае дека е мртов. Јадриел ја сфаќа својата грешка, па со Хулијан прават компромис. Хулијан ќе му помогне на Јадриел да го најде Мигуел, и да му докаже на татка си дека вреди да биде примен во заедницата на вештерите, а за возврат Јадриел ќе му помогне на Хулијан да открие како умрел и да премине на другата страна. А не е баш лесно да сокриеш дух кој сите домашни можат да го видат и кој баш не сака да седи мирен.

И ова не е само приказна за духови. Ова е приказна за различностите, за храброста, за моќта која ја имаме и која другите ја имаат врз нас. Авторот создал лик каков не нашол во книгите, лик сличен на себе, лик кој секојдневно се соочува со предизвиците да се биде различен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *