Педесет цигари за Елена-Марина Вујчиќ #Рецензија

Posted by
Педесет цигари за Елена Book Cover Педесет цигари за Елена
Марина Вујчиќ
Фикција
Антолог

Според теоријата на хаосот, кога пеперутката ќе замавне со своите крилја на еден крај на земјината топка, се случува ураган на другата страна.

Оливер го слави својот педесетти роденден. Слави, е малку претеран збор. На дваесет и четири-годишна возраст тој ја губи својата сестра близначка, Елена. Ја губи подобрата верзија од себеси. И оттогаш, тој не живее, туку живурка. И на заедничкиот педесетти роденден, тој решава да испуши педесет цигари во чест на Елена. Од 00:00 до 00:00 часот. За да го направи сето тоа, тој треба да остане буден, да не заспие, да може да испуши педесет цигари во рок од дваесет и четири часа.

Започнувајќи го своето патешествие, тој несвесно ги менува животите на луѓето околу себе. Нема поим дека задржувајќи се под прозорецот на една жена, ќе ја натера да ја донесе најхрабрата одлука во својот живот за неа и нејзините деца. Нема поим дека придржувајќи ја девојката да не ја удри кола, ќе го промени и нејзиниот живот, но и животот на младиот новинар со кого таа ја поминува ноќта. Нема поим дека шетајќи се по улиците ноќта додека го слави роденденот, нечии туѓи животи ќе бидат променети од корен. Нема поим дека тој, толку обичен, толку неинтересен, толку различен од совршената сестра, е причина за некој да почне да живее. Како пеперутката која предизвикува ураган.

И низ целата приказна се провлекува Елена, онаа чие што срце чука во друга жена, онаа која храбро чекорела напред, дишејќи со полни гради. Онаа која заминала прерано, но останала да живее во мислите на оние што ја сакале.

Книга малечка како пеперутка, а толку моќна, како ураган. Книга што те тера на размислување. Приказна исполнета со судбини и храбри животни одлуки. Ликови извајани како од глина, форми со причини и последици. И те тера да се запрашаш: „Што ако?“.

„Што ако излезам пет минути порано од дома? Или пет минути подоцна?“

„Колку ќе ми се промени денот ако на соседот му речам „Добро утро“? Колку нему ќе му се промени денот?“

Колку еден момент може да го промени целиот ден?

Колку еден мал гест може да промени цел нечиј живот?

Авторката Марина Вујчиќ беше гостинка на овогодинешниот #BookStar2021. Имавме прилика да ја запознаеме во живо, да чуеме малку повеќе за нејзината книжевна кариера и за самиот роман. Топла препорака за една малку поинаква приказна за самите нас, оние околу нас, но и за оние кои веќе не се меѓу нас.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *