Сара Тиха е млада девојка која својот живот наместо меѓу врсниците, го проаѓа во шумата. Живее како осаменик и од пролет до есен, таа собира печурки и ги продава во локалната кафеана. Таа ги разбира печурките. Точно знае која печурка каде успева и во кое време. Таа е нивни пријател, тие се нејзин опстанок. Живее во старата викендичка на нејзиното семејство, една стара куќа чиј покрив прокиснува и која само што не се распаднала. Отуѓена од семејството, телефонските повици на браќата не ѝ значат ништо. Па и смртта на мајката не ја погодува премногу. И сето тоа заради еден настан кој не треба да му се случи на ниедно дете. А нејзе никој не ја одбранил.
И за сѐ е виновен некој друг, само не тој кој навистина ја повредил. Сите дома се виновни затоа што решиле да замижат на едно око, да го свртат другиот образ. Виновна е самата таа, па завршува во институција за ментално болни каде ја клукаат со лекови. Дури и погребот на мајката се претвора во величање на некој друг. А столбот на семејството, таткото, надвор од ѕидовите на куќата создава слика на едно угледно аристократско семејство, додека внатре, царува пеколот. Пеколот за Сара. Како една печурка која блеска во преубави бои и мами да ја набереш, а всушност е најотровната од сите други и полека те убива однатре кога ќе ја изедеш.
Колку може да те уништи оној кој најмногу треба да те брани и чува?
Книгава мислев дека нема да ми се допадне. Но, збор по збор, писателката ме освои со своето пишување, со начинот на кој ја раскажува приказната. И не можев да ја оставам од почеток до крај. Ова е една од оние книги кои болат, на кои длабоко воздивнуваш кога ќе стасаш до последната страница. Сара е лик кој не можеш да не го сакаш, иако на моменти сакаш да ја треснеш од земја и да и речеш: „Него го нема веќе. Не може да те повреди. Стани, истреси ја облеката и почни да живееш“.
Топла препорака од мене.