Чук, чук – Андерс Рослунд #Рецензија

Posted by
Чук, чук Book Cover Чук, чук
Ewert Grens #9
Андерс Рослунд
#thriller
Антолог

Роденденска прослава во стан во Стокхолм. Торта на масата и пет свеќички на неа. Мама и тато седат на масата, бато и дада лежат на своите кревети. А петгодишната Зана го прославува својот петти роденден, веќе неколку дена по ред. И не ѝ е јасно зошто на челото на мама и тато има дупки од кои тече нешто црвено.

Инспекторот Еверт Гренс се соочува со најголемиот кошмар во својата полициска кариера. Влегува во станот на албански мигранти, само за да ги најде застрелани околу роденденската торта. Мајката, таткото, синот и поголемата ќерка. А малечката ќерка е жива, неповредена, несвесна за тоа што се случило. Го зема девојчето в раце и го изнесува што подалеку од хоророт кој го преживеала.

Години подоцна, повторно се случуваат убиства изведени на истиот начин. Еден по еден се убиваат црногорски мафијаши во Стокхолм. Еден куршум на десната страна на челото и еден под левата слепоочница. Улцињска егзекуција.

Новите убиства го водат инспекторот кон одамнешниот случај со малечката Зана. Таа сега има нов идентит и ново име. Но и стари непријатели. Оние кои го убија нејзиното семејство, ќе дојдат и по неа.

Ќе успее ли да ја спаси пред да биде предоцна?

Може ли да се избега од минатото, да се заборави и да се започне нов живот?

Може ли да се простат направените гревови?

Интересен трилер со многу перипетии на секој чекор. Приказна каде балканската мафија ги шири своите пипци на шведскиот пазар. Авторот ќе ве прошета низ улиците на Стокхолм и ќе ве однесе до Скадарското Езеро и Подгорица. Приказна за еден човек кој и покрај сѐ, никогаш не ги напушта оние на кои им е потребен. Адреналинот расте со секоја прочитана страница. Ова е едно напнато четиво кое нема да да ве остави да седите мирно додека не ја завршите и последната страница. Препорака за љубителите на трилери.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *