Жив мртовец – Шерон Болтон #Рецензија

Posted by
Жив мртовец Book Cover Жив мртовец
Шерон Болтон
#thriller
Сакам Книги

Исто онака како што ги плете своите напнати приказни, така Шерон Болтон лека полека ми станува една од омилените авторки на трилери. Веќе имам четири нејзини книги, и со секоја наредна се повеќе пријатно ме изненадува. „Жив мртовец“ или „Dead Woman Walking“ излезе пред неколку месеци во издание на Сакам Книги.

Во северниот дел на Англија, во близина на границата со Шкотска, група од тринаесет патници летаат со балон на топол воздух. Меѓунив има и две сестри, едната, Џесика, полицајка, другата, Изабел, калуѓерка. Патниците во балонот стануваат сведоци на брутално убиство долу на земјата. Убиецот, свесен дека има сведоци на неговото злодело, предизвикува уривање на балонот. И во текот на следниот час, сите патници се мртви, освен една жена.

Само една од сестрите преживува. Но таа го има видено лицето на мажот кој уби девојка во шумата, а и тој го има видено нејзиното. Таа знае што навистина се случи, и во балонот, и долу на земјата. И знае дека тој нема да запре додека не ја убие и нејзе. И мора да бега.

Но она за што не е ни најмалку свесна е дека е сведок на многу поголемо злосторство од она што го видела пред да биде соборен балонот.

И пак Шерон Болтон се покажа како мајстор за трилери! Лека полека ја гради приказната додавајќи ја напнатоста страница по страница. Наизменично ја вметнува приказната за двете сестри и нивното семејство, и детективот кој се обидува да одгатне зошто оваа жена едноставно ако веќе бега не отиде во полиција.

Интересен е фактот дека Шерон Болтон користела вистински настан како инспирација за својот роман. Читајќи ја книгата, сфатив дека некои од настаните сум ги видела во медиумите претходно. Нема да ставам спојлери. Местото е сменето и ликовите се измислени, но доволно е на Гугл да внесете „жолта куќа“ и „Косово“ или „Карла дел Понте“ и ќе ви стане јасно за што станува збор.

Ако сте љубител на напнати трилери, тогаш оваа книга е вистинскиот избор. Мене навистина ми се допадна! Како почнав, не можев да ја оставам дур не ја завршив!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *