Ана – Николо Аманити #Рецензија

Posted by
Ана Book Cover Ана
Николо Аманити
дистопија
Антолог

Иако не сум некој љубител на дистописки книги, овој роман ептен ме погоди со оглед на сличноста со моменталната ситуација и не можев да престанам да читам до последната страница.

Годината е 2020, како сега, опасен вирус владее меѓу човештвото. Но овој вирус ги убива само возрасните. Од некоја причина, децата се имуни. Епидемијата се раширила пред четири години, убивајќи ги сите возрасни луѓе. Само децата преживуваат.

Ана е девојче на Сицилија која живее заедно со своето помало братче. Таа секојдневно се обидува да обезбеди храна за себе и братчето, да се одбрани од глутниците кучиња кои нема кој да ги храни откако изумреле возрасните, да внимава да не ги нападнат други деца организирани во банди и табори. Празниот стомак и љубовта кон братот се посилни од стравот, па таа е едно бестрашно девојче на кое никој и ништо не смее да ѝ застане на патот. Нејзината покојна мајка, пред да ѝ подлегне на болеста, ѝ остава тетратка, дневник, “Најважните нешта“, каде детално, на начин за неа доволно разбирлив, ѝ ги објаснува најважните животни лекции и ситуации. Постои урбана легенда дека на копното живеат возрасни луѓе кои ја преживеале чумата и ако таа и брат ѝ стигнат до нив, ќе им обезбедат лек за да не се разболат кога ќе стасаат до одредена возраст и ќе се грижат за нив. На патот, тие ги среќаваат песот Галчо и момчето Пјетро и сите заедно се упатуваат кон копното.

Ана е еден прекрасен лик, едно премногу паметно девојче, старица во тело на дете. Таа е храбра, одлучна, тврдоглава. Не дека не се плаши, туку сфаќа дека има и побитни работи од стравот. Љубовта кон братот, љубовта кон мајка ѝ, и ветувањето кое ѝ го дава на смртната постела дека ќе се грижи за него, се посилни од било која несреќа која нејзе ѝ се случува, а ги има многу.

Ана можеби и не би била таква, да ја немала мајка ѝ. Иако ја нема како вистински лик, мајката е цело време присутна преку тетратката која ѝ ја остава на Ана, во која запишува се што смета дека ќе ѝ биде од животна важност не само на Ана , туку и на братчето Астор кој тогаш имал само четири години. Мајката е вистински борец и пример, која останува уште долго покрај своите деца иако физички одамна ја нема.

Единствена маана на книгава, ако може така да кажам, ми беше крајот. Не, нема да ставам спојлери, само ми делуваше како недовршена, како да се подготвува за втор дел. Авторот оставил многу на имагинацијата на читателот, а можеби токму тоа и му била намерата. Затоа, само заради крајот, од мене добива четворка. Топла препорака, книгата е прекрасна, нема да згрешите!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *