Ме сака, не ме сака – Шерон Болтон #Рецензија

Posted by
Ме сака, не ме сака Book Cover Ме сака, не ме сака
Шерон Болтон
трилер
Сакам книги

Шерон Болтон неодамна гостуваше во Хрватска, а јас дури тогаш сфатив дека всушност немам прочитано ниту една книга од неа. „Ме сака, не ме сака“, или на англиски, Daisy in chains, ми е прва книга од оваа авторка, ама бога ми, нема да биде последна.

Хамиш Вулф е осуден сериски убиец на дебели жени. Тој се товари за убиството на три и исчезнувањето на четврта жена. Телото на четвртата жртва не е пронајдено. Единствено нешто што им е заедничко на жртвите е тоа што се млади жени и сите имаат обемна телесна тежина.

Меги Роуз е позната адвокатка. Позната по бранењето на осудени убијци. Нејзе не и е битно дали обвинетиот е навистина крив, таа мора да пронајде некоја дупка во судскиот процес и да си го истера своето. Нејзин заштитен знак е сино обоената коса.

Кога мајката на Хамиш Вулф ја контактира Меги Роуз, таа отпрвин не сака да го прифати случајот. Но кога таа станува мета на една од жените од клубот на обожаватели на Хамиш Вулф, Меги решава да го прифати случајот и да открие што е тоа што ги фасцинира жените да се вљубуваат во осудени убијци. Но, лека-полека, Меги и самата се вплеткува во мрежата на серискиот убиец.

Ќе стане ли таа, петта жртва?

Шерон Болтон има малку различен стил на пишување од оној на кој сум навикната да читам трилери. Приказната има повеќе извадоци од весници и полициски извештаи отколку што има раскажување. Ама таков крај навистина не очекував! Ме тресна од земја! Тотално не ја предвидов! Целата приказна изобилува со многу пресврти и погрешни траги. Малку ми пречеше ситниот фонт на хрватското издание Voli me, ne voli me, ама се помачив и ја дочитав. Приказната не е ич тешка за читање, фонтот е. Интересен трилер, иако не можам да се поврзам со Меги како лик. Чудна е како карактер, навидум јака и напорна, а всушност толку слаба. Ми беше различна книга од претходните, па ми дојде како освежување. Имам уште една книга од авторкава, па после тоа ќе проценам дали ќе ми биде омилена или не. За сега, солидна четворка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *