Утре, можеби ќе останам – Лоренцо Мароне #Рецензија

Posted by
Утре, можеби ќе останам Book Cover Утре, можеби ќе останам
Лоренцо Мароне
фикција

Една кратка рецензија.

Лоренцо Мароне е за мене непознат автор, ама пријатно ме изненади и во иднина редовно ќе му се враќам. Книгава одамна ми стоеше на полица и дури сега некако ѝ дојде време за читање. Насловот е Sutra ču možda ostati и ми дојде како освежување после неколкуте трилери. Главниот лик се вика Луче ди Ноте или во превод Светлина во ноќта. А нејзиниот живот е, според неа, сѐ, само не обвиен со светлина. Типката има триесет и пет години, штотуку ја откачува долгогодишниот дечко и за првпат почнува да живее сама. Во животот не ѝ цветаат рози, таа сѐ уште жали по луѓето кои ја напуштиле, татко ѝ, баба ѝ, дечкото. Од една страна, таа сака да напушти сѐ и да почне нов живот, а од друга страна, не сака да биде иста како оние кои ја напуштиле. Работите почнуваат да се менуваат кога во животот ќе ѝ влета малото куче Веселко, стариот сосед во инвалидска количка и едно детенце по име Кевин. И малку по малку , Луче го сфаќа вистинското значење на зборот семејство.

Морам да признаам, искрено сум воодушевена од целата приказна. Не знам дали да ја класифицирам во италијански чик-лит или топла семејна драма. Авторот е машко, а толку добро доловил еден женски лик. Типката е закон! Луче има коментар за сѐ, став за сѐ, карактер на ниво! А срце за тројца! Со нејзе можеш и да се смееш и да плачеш, и многу да пцуеш. Нејзината приказна изобилува со сарказми, хумор, класичен италијански инает, па дури и плеткање со мафија. Ептен ми се допадна начинот на раскажување на целата приказна и начинот на кој со хумор се раскажани многу животни вистини. Топла приказна за пријателството и семејството, за простувањето и за помирувањето. И сето тоа зачинето со боите и мирисите на Неапол и наполитанската култура.

Од мене топла препорака.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *