Прв поминува возот-Елена Понијатовска #Рецензија

Posted by
Прв поминува возот Book Cover Прв поминува возот
Елена Понијатовска
Фикција
Ars Studio

Елена Понијатовска е мексиканска новинарка и писателка чијашто работа е фокусирана на социјални и политички теми. Родена во Париз, од мајка Мексиканка и татко Полјак, со семејството заминува за Мексико бегајќи за време на Втората светска војна. Најпознато нејзино дело е „Ноќта во Тиателолко“ (на англиски преведено како „Масакрот во Мексико“) за репресијата на студентските протести во Мексико Сити во 1968 година. Често е нарекувана „Црвената принцеза“ заради левичарските ставови. Ја сметаат за доајен на мексиканската книжевност.

Нејзиното дело „Прв поминува возот“ е роман кој е базиран на вистински настан, роман кој ги обработува протестите на железничарите во Мексико во 1958-59 година. Главниот лик, Тринидад Пињеда Чинас, е базиран на ликот на Деметрио Ваљехо, железничар и водач на штрајкот на железничарите. Авторката темелно го истражувала настанот и направила стотици интервјуа со железничарите кои протестирале. На еден уникатен начин ја доловила мексиканската култура и традиција и навистина се потрудила верно да ја раскаже приказната за железницата. Преку приказната на самата железница, таа ја раскажува историјата на Мексико, политичките превирања, социјалните случувања. Навраќајќи се на детството на Тринидад, таа раскажува една приказна за традиционалното мексиканско семејство, за верувањата и обичаите, за обичниот Мексиканец. Раскажува за политиката, за мешањето на Истокот и Западот, за меѓата каде се судруваат капитализмот и комунизмот. Ја раскажува приказната за Мексико.

Добитник е на наградата „Ромуло Гаљегос“ во 2007 година, и „Мигел Сервантес“ во 2013 година.

Дали ми се допадна? Па, генерално ми се допадна. Не е нешто што вообичаено читам и е малку предолга за мој вкус. Малку ми беше збунувачка врската што ја имаа Тринидад и Барбара и некои работи меѓу нив како да останаа недоречени, ама тоа е само мое мислење. Авторката не повлекла остра граница меѓу реалноста и фантазијата и вешто ги испреплела фактите и замислените случувања. Имав чувство како да сакала завршниот збор да го остави на читателската публика. Ако е така, навистина ѝ успеало.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *