Јас не сум некој обожавател на научна фантастика, ама морам да признам дека оваа книга пријатно ме изненади. А уште повеќе ме изненади фактот дека е дело на млад македонски автор и ова е негов прв роман. Даниел Бибовски е ново име на македонската литературна сцена, но судејќи по напишаното, му претстои светска слава.
Приказната започнува во иднината, после Третата Светска Војна. На Антарктикот е изградена населбата Архангел 2009 која станува дом на врвни умови од целиот свет. Таа е замислена како утописка населба каде проблемите од минатото, недостатокот од вода или храна, загадениот воздух, едноставно не постојат. Младиот Адам Деи е тинејџер кој сето слободно време го поминува со својот робот, тираносаурусот Рекс кој самиот го конструирал од обична играчка. Тој е посвоен, живее со семејство кое не го сака баш најмногу на свет, нема пријатели, единствено другарче му е виолетовиот робот Рекс. Но Адам е навистина натпросечно интелигентен и е во состојба да склопи компјутер буквално од ништо. Така неговата играчка станува еден од најмоќните компјутери на Архангел 2009. Лоши и лакоми ликови решаваат да му го одземат комјутерот на Адам, но за него тоа е единствениот другар кој го има и тој решава заедно со Рекс да бега. Да бега што подалеку од Архангел 2009.
Светот надвор од Архангел не е онаков каков што го знаеме. Не постојат држави, туку групи на заедници каде луѓето се групираат според своите верувања, потреби и желби. Постои Заедница на зависници од адреналин, Заедница на љубители на Мајката Земја итн. И сите тие функционираат во совршен ред и мир.
Овој роман комотно можам да го сврстам и во научна фантастика и во young adult. Она што пријатно ме изненади е изобилието на филозовски мисли базирани на древни филозофии. На многу интересен начин се споени и иднината (научната фантастика) и минатото (древните филозофии). Соодветно на приказната, книгата има и автентична корица која морам да кажам дека многу ми се допаѓа. Прекрасна, лесно читлива приказна за која во Холивуд би се тепале да снимат филм. Светско, а наше!