Долга реса крај морето – Изабел Аљенде #Рецензија

Posted by
Долга реса крај морето Book Cover Долга реса крај морето
Изабел Аљенде
историска драма
Антолог
334

Oh, Chile, largo petalo

de mar y vino y nieve...”

За време на Граѓанската војна во Шпанија, Виктор Далмау работи како лекар на бојното поле. Со незавршен медицински факултет, тој рамо до рамо со другите се труди да спаси што е можно повеќе животи. Успева да спаси петнаесетгодишно момче масирајќи го неговото срце кое престанало да чука. Легендата за подвигот ќе го следи во текот на целиот негов живот.

За да го спаси семејството, Виктор ги потегнува сите можни врски да пребегаат на сигурно. Заедно со мајка си и бремената свршеница на починатиот брат, успеваат да заминат од Мадрид за Франција. Поминуваат сито и решето да стасаат на безбедна територија. Мајка му исчезнува, а бремената Росер раѓа здраво машко дете. Единствена шанса им е ветената земја, Чиле, и бродот на надежта, Винипег. Тогашниот чилеански конзул во Париз и поет, Пабло Неруда, успева да евакуира околу две илјади бегалци со професии кои им се потребни во Чиле. Виктор како лекар може на бродот, но не и Росер, па решаваат да се венчаат, и со склучен брак само на хартија, заминуваат во Новиот свет.

Приказната го следи не само семејството Далмау во Јужна Америка, туку ги опфаќа и сите политички превирања во тој период. Виктор е пријател и со Пабло Неруда, и со Салвадор Аљенде. Тоа пријателство ќе му отвори многу врати, но ќе го одведе и во концентрационен логор. „Долгата реса крај морето“, како што Неруда ја нарекува својата татковина Чиле, е далеку од ветената земја од соништата, но е нивната нова татковина и тие остануваат да се борат за неа и да ја направат подобро место за живеење.

Ова е приказна за семејството, за љубовта и заљубеноста, за верноста, за пријателството. Приказна за војната со сите свои лица, бегањето, храброста и вербата во подобро утре. Изабел Аљенде раскажува една прекрасна историска драма со многу вистински случки и реални човечки судбини. Ќе ве прошета од Каталонија во Шпанија преку Пиринеите во Франција, оттаму во Чиле и Венецуела, па и пошироко низ Јужна Америка. И насекаде провејуваат стиховите на Пабло Неруда од неговата безвременска поезија. Вистинско ремек дело!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *