Свежа вода за цвеќиња – Валери Перен #Рецензија

Posted by
Свежа вода за цвеќиња Book Cover Свежа вода за цвеќиња
Валери Перен
Драма, фикција
Антолог
2023
Paperback
448
Bought

„Живот? Тоа ти е, знаеш, она на гробот, кога пишува година на раѓање и година на смртта. Е, онаа цртичка помеѓу, тоа ти е живот. “

Со познатиот цитат на Ѓорѓе Балашевиќ ќе ја започнам оваа рецензија. Оваа приказна започнува на гробиштата. Но гробиштата не се само вечно почивалиште на луѓето, туку и огледало на нивниот живот. Тука доаѓаат блиските, пријателите, брачните другари, љубовниците, непријателите. Тука за починатиот може да дознаете многу, дали бил добар човек, дали бил сакан или омразен, каков живот водел, дали оставил нешто зад себе или не.

Виолета е чуварка на гробиштата во малото француско градче. Таа се грижи за гробовите, за цвеќињата, но и за луѓето кои доаѓаат на гробиштата. Прецизно води евиденција за секој починат, за секој ожалостен посетител, за секое свежо оставено цвеќе. Навидум гробиштата се најосаменото место на светот, но таа е дома, заедно со тројцата гробари и свештеникот. Навидум изгледа сама, но таа никогаш не е осамена. Таа има семејство.

Но, Виолета има и своја приказна. Своја историја. Свои причини зошто живее на гробиштата. И нејзината секојдневица ќе ја наруши еден човек со бизарно барање. Да ја погреба својата мајка не до неговиот татко, туку до нејзиниот љубовник. А Виолета во своите дневници ги запишала и мајка му и починатиот љубовник.

И клопчето почнува да се одмотува, и нејзиното и на неочекуваниот посетител.

„Свежа вода за цвеќиња“ е приказна за животот. За подемите и падовите што ги носи судбината. За вистинските и погрешните одлуки. За љубовта. За истрајноста и упорноста да се открие вистината. Да се сокрие истата. Ова е прекрасна драматична приказна со доза на мистерија која ќе ве натера да ги вртите страниците дур не стигнете до последната. Барем јас така се чувствував.

Топла препорака.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *