Тегли – Јордан Коцевски #Рецензија

Posted by
Тегли Book Cover Тегли
Јордан Коцевски
трилер
ПНВ Публикации

Ова е една од оние книги кои почнувате да ги читате и се навлекувате на нив. Уште со првата реченица влегувате во филмот. „Се качувате на вртелешката“ и уживате до последната страница.

Ова е приказна за Златко, професионален крадец кој едноставно има добра душа. Краде само од богати. При еден обид за кражба, наместо скриено богатство во тајниот подрум, наоѓа тегли. Најобични тегли, но полни со човечки делови. Богаташот што решил да го пљачка е всушност сериски убиец. И го открива во подрумот. Златко од провалник станува идна жртва. И решава да повика полиција. Крадец вика полиција !?!

Ова е приказна за Розе, девојка која во минатото била жртва на семејно насилство. Девојка која после толку време решава да пушти некого во сопствениот живот. Во супермаркетот запознава еден дечко и го поканува во својот стан. Конечно почнува да се надева на некаква светла иднина, сè до оној момент кога сфаќа дека дечкото се обидува да ја убие. Оној сладок тип кој мислиш на мравка не гази, да ти бил сериски убиец. Да ти се плукнам во среќата!

Ова е приказна која има сè: акција, трилер, хорор, мистерија, хумор, ама буквално сè. Со два главни лика кои навидум на мравка не газат, а се опасни по живот ако им стапнеш на плускавецот. Златко е типче кое не можеш да го мразиш, те заразува со црниот хумор и силата која избива од неговото ситно тело. А Розе, таа е некој кој убива лоши луѓе. А дали тоа ја прави лош човек, е тоа е веќе друга приказна. Како ликот Декстер, сериски убиец на сериски убијци. И кој е тука лошиот? А тука е и полицаецот Саше, и неговото пријателство со Златко ме насмеа од срце. Како Тарнер и Хуч се.

Откако ја завршив книгата, поинаку гледам на теглите. Не ми се веќе само садови за зимница. Јордан Коцевски е млад автор кој одлично го спакувал своето првенче. Приказнава плаче за филм. Одлично сработено. Светско, а наше!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *